Историјат

Истражувачкиот центар за генетско инжинерство и биотехнологија е основан во 1986 година како научна единица при Македонската академија за науките и уметностите. Основач на центарот е Академик Георги Д. Ефремов . Од 2011 година, центарот се преименува во Истражувачкиот центар за генетско инжинерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“, во чест на неговиот основач.

Центарот е лоциран во зградата на МАНУ и располага со околу 500 m2 лабораториски простор и  250 m2 канцелариски простор. Во рамките на МАНУ, Центарот преставува организациона целина со соодветен кадар, работен простор и опрема, каде се вршат научни истражувања и лабораториски испитувања, според единствени организациони правила, процедури и методи на испитување, а во согласност со Законската и  подзаконска регулатива,  македонските и меѓународни стандарди, барањата на ИСО/ИЕЦ 17025 и потребите на корисниците.

Истражувачкиот центар за генетско инжинерство и биотехнологија соработува со институтите и клиниките од Република Македонија и како референтна лабораторија врши медицински, форензички ДНК, молекуларно дијагностички лабораториски испитувања, како и испитувања на генетски модифицирани организми, заради дијагностика на наследни болести, инфективни болести, малигни болести, генетска идентификација..

Основна задача на Центарот е унапредување на научните сознанија во областа на протеинската хемија, молекуларната биологија, генетското инжинерство и биотехнологијата.

Центарот располага со сопствена библиотека, во која редовно се добиваат повеќе од 25 меѓународни списанија од областа на медицинската генетика, молекуларната биологија и биотехнологијата.

 

Центарот исто така е издавач на меѓународното списание Balkan Journal of Medical Genetics (BJMG).